Зечевиќ: Кандидатот на СДСМ ќе биде следниот претседател на државата

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, вели дека немало причина зошто воопшто да се спојуваат претседателските и парламентарните избори во интервју за Фокус.



„Не гледам причина зошто да ги спојуваме. Зошто волјата на граѓаните да ја калкулираме со продолжување или скратување мандати? Едноставно е, ајде да го почитуваме Уставот и законите, без притоа да правиме политички толкувања“, вели ген-секот на СДСМ.

„Претседателската функција е врвот на државната пирамида. Таа фигура треба да е со исклучителна морално-политичка вертикала во себе, со визија и одважност да ги претставува вредностите на македонската Република“, вели за Фокус Зечевиќ и додава:

„СДСМ ќе го избере најдобриот, победничкиот кандидат за претседателските избори, преку соодветна процедура. Секако дека ќе следуваат и консултации со нашите коалициски партнери.

Уште од сега можам да најавам дека две работи се сигурни: прво, кандидатот на СДСМ ќе биде следниот претседател на државата; и второ, Македонија ќе има мирно море уште пет години, цврсто држејќи го кормилото на напредокот и државниот успех“, вели Зечевиќ во интервјуто за Фокус.