По информациите во хрватските и македонските медиуми дека директорот на македонската агенција за филм Горјан Тозија на социјалните мрежи го навредувал премиерот на хрватската влада, Андреј Пленковиќ, а владејачката ХДЗ партија, ја нарекувал фашисти и членови на криминалниот клуб, реагира Здружението на Хрватите во Македонија кое бара Владата на Македонија јавно да го осуди овој говор на омраза и да го разреши директорот на Агенцијата за филм.



„Директорот на владината агенција за филм не само што не негираше и не се извини за тоа што со месеци ја навредуваше Владата на Република Хрватска и нејзиниот претседател во кој ги нарекува фашистите и член на криминален клуб, туку напротив, тој истото го потврди и напиша дека има право да го стори тоа, што преставува невидена дрскост и говор на омраза“ се вели во соопштението од Здружението.

Според нив, ова не е само тежок меѓународен скандал, туку и невиден случај во светот каде една влада толерира мешање во работите на друга држава – најсериозните вулгарни навреди и говор на омраза. Покрај тоа, тоа го прави и на земјата и нејзиното раководство, кое го има претседателството со ЕУ и ја поддржува Македонија во патот кон ЕУ толку силно.

„Не сакаме да веруваме дека Владата на Македонија преку игнорирањето на званична реакција и осуда кон Горјан Тозија стои зад ваквото мешање во внатрешните односи на друга држава“, се вели меѓу другото, во соопштението на Здружението. (Курир)