„Седнавме на маса и ги обединивме силите, за да придонесеме кон промените, со цел да го откриеме злото и да се бориме против него. Ќе објавиме заедничка платформа, што значи дека ќе имаме понуда кон албанскиот граѓанин за еден нов ветер на албанската политичка сцена.“ – изјави лидерот на опозициското Демократско движење Изет Меџити во интервју за емисијата „Политико“ на ТВ Глоби. Оваа информација ја објавија информативниот портал „Алмакос“ и други медиуми на албански јазик во Македонија и регионот.
„Алмакос“ пренесува: „Не е затворена вратата со трите политички партии – Демократското движење, Алтернатива и Беса. Му упатуваме јавен повик на лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари да ја напушти Владата и да ѝ се придружи на албанската опозиција, за да ја донесеме потребната промена. Им упатуваме повик да ни се придружат и на интелектуалците, на невладините организации, кои сакаат промена.“ – нагласи Изет Меџити.
Во интервјуто за емисијата „Политико“ на ТВ Глоби тој изјави дека за краток период сите се увериле оти сепак постои албанска опозиција, дека постои албанска алтернатива. Тој рече дека оваа албанска опозиција го надминала бајрактаризмот.





