Здравствените работници си ја бараат платата, вработените во ГОБ „8 Септември“ на предупредувачки протест

Блокада на цело Скопје ако на медицинскиот персонал не им биде исплатена јануарската плата, предупредија вработените во здравството. Белите мантили, во координација со синдикалните организации, денеска не престанаа со работа ама за време на паузата во знак на револт, излегоа пред болниците на предупредувачки протест барајќи ја јануарската плата која и доцни поради блокираниот систем на Фондот за здравство. Дел од вработените во ГОБ „8 Септември“ стравуваат дека ова е уште една причина државата да остане без медицински перосонал.



Претседателката на независниот синдикат при ГОБ „8 Септември“, Рената Ѓаконовиќ, рече дека денешниот мирен протест е организиран со цел да се изрази незадоволство поради неземена плата што требало да им биде исплатена на 10 февруари, меѓутоа доцни веќе десетина дена.

  • Пробиен е законски рок од пет дена. Луѓето немаат пари, кредити неплатени, кој ќе ги плаќа каматите, кој ќе ги плаќа сметките. Едноставно тука имаме луѓе коишто работат за егзистенција со многу мал личен доход, што земаат по 18 илјади денари нето плата и морам да нагласам во тој контекст дека денеска, утринава, добивме известување од управата, со кое што се вели дека овој протест нема да биде официјален, изјави Ѓаконовиќ.

Таа посочи дека нивниот Синдикат има доволно членови и е репрезентативни, додавјќи дека во една институција може да постојат неколку синдикати, а овој постои веќе неколку години.

Ѓаконовиќ нагласи дека луѓето не треба да бидат обесхрабрени и да излезат да си го кажат својот глас и тоа што го мислат, бидејќи, како што рече, тоа што си го бараат е законско право на секого.

  • Затоа има голем одлив на медицински персонал. Значи ќе останат многу минимален број, коишто ќе може да работат со овие пациенти, а жално е за Македонија да изгуби квалитетен здравствен персонал, децидна беше таа.

Од независниот медицински синдикат најавија кривична пријава против одговорните за колапсот на Фондот за здравство.

  • Со оглед на фактот дека години наназад, најмалку десетина години, тој систем на Фондот крахира на моменти. Иако не до оваа мера како што е денеска. Во таа насока, бараме како синдикат, да почне да има и лична одговорност на лицата коишто се на позиција да организираат и спроведуваат правила и закони. Во таа насока, правниот тим на Синдикатот, ќе поднесе кривична пријава в петок. Мора некој да понесе одговорност, рече претседателот на Синдикатот, Горан Ристески.

Тој нагласи дека нема бенефит, иако во јавноста имало информации дека државата вложила толку многу пари за надградба на софтвер и за негово одржување. Наместо тоа, додаде Ристески, крахира Фондот, а од неговото функционирање зависат и граѓаните осигуреници и здравствените работници.

Ако немаме плата најдоцна до утре, ќе го блокираме Скопје на влезот кај Ѓорче Петров и Автокоманда и ќе го блокираме Центар во четврток, се закнија и од Синдикатот на геријатрија. Имало плата или не протест во среда ќе има, бидејќи некој постојано си поигрува со судбината на здравствените работници, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

  • Доколку не се земе плата до среда најдоцна, односно денес ние ќе го блокираме Скопје на влезот кај Ѓорче Петров и Автокоманда и ќе го блокираме Центар во четврток, вели Лазар Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија од денешниот протест на здравствените работници.

Освен во повеќе болници во Скопје, се протестираше и во другите градови. Сите се едногласни – ако час поскоро немаат плата, ќе следат порадикални чекори како блокади, штрајкови и бојкот на работата.