„Денес, многу повеќе од некогаш, токму критериумот достоинство е тој што ни овозможува да одлучиме за исправноста на идеите, ставовите или мислењата, кои може, а кои не може да ги прифатиме. А секој предлог што не се совпаѓа со нашето внатрешно или, пак, со колективното достоинство (нам како поединци, но и на народот, односно на нацијата или државата), сигурно во себе содржи никулци на антихуманизам и хегемонија. Последниот случај со наметнување некакви ултиматуми од режимот во Бугарија е силна потврда за тоа. Македонија и Македонците често во своето минато, а особено во поновата историја, се соочувале со недостоинствени предлози однадвор.“ – вели Даниела Трајковска-Здравеска во својата статија со наслов „Да пројавиме достоинство, самопочит и високи морални вредности, и покрај многуте премрежија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Во Велигден да најдеме сила и мотив за индивидуално и заедничко јакнење, зацврстување, национална и духовна кохезија“
Трајковска-Здравеска пишува: „Во предвечерјето на Велигден нацијата и државата е неопходно да најдат сила достоинствено да им се спротивстават на понижувањата и предизвиците, што ни се наметнати однадвор и со највисока доза на самопочит да пројават колективно и национално достоинство. Тоа ќе ни овозможи да ги надминеме стравовите од наметнатите притисоци, стравовите дека ќе бидеме исклучени од меѓународната заедница, исклучени, оставени, осиромашени… Веќе сме сето тоа… Да не осиромашиме само во духот. Треба да се отфрли секој предлог, што не се совпаѓа со нашето внатрешно лично и колективно достоинство.“
„Како Македонци безброј пати во нашата историја сме се соочувале со понижувања, обиди за делегитимирање и притисоци за самоделегитимирање на сопствената нација, со обиди за различни именувања и преименувања, со притисоци за менување на симболите, со кои се идентификува нашиот народ, со менување на националните законодавноправни акти и промена на карактерот на нашата тешко стекната национална држава… Но сето тоа простум го поднесуваме, не губејќи ги моралот и високите вредности и на Македонецот како поединец и како народ.“
„Сега секој си дозволува да си ги гради својот виртуелен, непостоен идентитет и своето лажно достоинство и сѐ да се темели на некакви ретуширања на вистината, врз ревизија на историјата и минатото и преку наметнување на аргументите на посилниот. Во таков филм живее и нашиот источен сосед. Но тоа нема да помине. Пораката во пресрет на најголемиот христијански празник е, всушност, и покрај многуте премрежија, ние да пројавиме достоинство, самопочит и високи морални вредности, спротивставувајќи им се на тие притисоци! Воскресението нека биде наш лајтмотив дека Македонија никогаш нема да исчезне!“ – нагласува Трајковска-Здравеска во својата статија.
Home Македонија Здравеска за бугарскиот ултиматум: Воскресението е лајтмотив оти Македонија нема да исчезне





