Здравеска: „Македонците не сакаат странци да му ја кројат иднината со гнил француски предлог – за својата судбина самите ќе одлучуваат!“

„Македонија посакува среќен крај и на оваа политичка епизода со ЕУ, кој ќе ни отвори перспективи, да ни расветли нови патишта, на кои ќе чекориме гордо и со крената глава. Како признат македонски народ, како Македонци со зачуван идентитет, македонски јазик, своја историја, култура и сите други идентитетски обележја. Само така ќе можеме да стоиме на цврсти нозе и само на тој начин ќе можеме да чекориме напред. Никако поинаку.“ – вели Даниела Трајковска-Здравеска во својот коментар со наслов „За нашата судбина одлучуваме само ние“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Трајковска-Здравеска пишува. „Дали Македонија и македонскиот народ повторно се исправени пред предизвикот да платат превисока цена на патот кон ЕУ? Францускиот предлог со сите последици и стапици, што ги крие во себе, ги разбранува духовите на сите и ги крена на нозе граѓаните и стручната јавност.
Во период кога требаше да се прифати Договорот со Грција, и покрај тогашното противење и негодување на граѓаните, политиката го прифати Преспанскиот договор и го смени името на државата. Сега сме исправени пак пред голем и тежок предизвик. Пак се бара од нас да попуштиме и да се саможртвуваме за отворање на патот кон ЕУ.“

„Деновиве ни се случуваат протести, на кои повторно народот го искажува своето незадоволство за францускиот предлог. Нешто не чини, дека нешто е гнило во францускиот предлог, кој како гром удри во Македонија. Политичарите од власта и од опозицијата треба да знаат дека се избрани од народот и за народот. Треба да се слушне гласот на тој народ, тој не сака никој однадвор да му наметнува нешто, никој однадвор да му ја крои иднината по секоја цена. И тоа е сосема легитимно барање.“

„Не смее да се донесе брзоплета одлука, која подоцна може да ни се удри од глава. Ако треба, нека се распише и референдум, на кој граѓаните ќе го кажат своето мислење.“



„За судбината на Македонија и Македонците одлучуваме само ние.“