Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва од Горна и Долна Маала во центарот на Вевчани, денеска попладне ќе заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал.
Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и оти ќе имаат среќна и бериќетна година.
Вевчани два дена наликуваше на отворена театарска сцена, каде продефилираа Талибанци, кои подоцна ја окупираа Општинската зграда, вакцинални пунктови, пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимовски…
На шеговит начин го прикажаа и копањето биткоини, се пошегуваа со греењето со симболично собирање дрва „да си ги стоплат децата“ Потсетија на екс премиерот Никола Груевски со бадниковото лебче, протестираа за ослободување на тенисерот Новак Ѓоковиќ и за неговиот настап на „Австралија опен“.
Се претпоставува дека Вевчанскиот карневал постои повеќе од 15 век и со него се одбележува христијанскиот празник свети Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијански календар. Опсервер







