Седницата на Владата денеска заврши без продолжување на антикризните мерки чиј рок на важење истекува денеска.
Од утре се одмрзнуваат цените на основните производи и се најавува нов бран поскапувања во екот на економската криза која што зема сѐ поголем замав. Повторно со 5 отсто ДДВ ќе бидат оданочени лебот, белиот шеќер, брашното ТИП 400, маслото од сончоглед, млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца.
Истекува и рокот на намалувањата на цените на бензините и другите нафтени деривати кои произлегоа од мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и од мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.
Сега на потег е Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ги објави новите цени на горивата во малопродажба.
Денеска беше последна шанса со закажувањето на владината седница да се продолжи рокот на мерките кои колку толку го ублажуваа инфлаторниот бран.






