Министерството за здравство заедно со Здружението на приватни лекари ќе формираат работни групи на кои ќе се дефинираат конкретните чекори за подобрување на состојбите со кои се соочуваат со лекарите од примарното здравство.
Ова било договорено на денешниот состанок помеѓу заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски и претседателката на Здружението, Лилија Чолакова Дервишова, по што штрајкот што започна утрово е прекинат.
Штрајк: На матичен само ако е итно
Рендевки изјави дека „навистина од 1.463 медициски тимови во примарната здравствена заштита, околу 500, односно една третина се на работ на егзистенција. Практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор/сестра“.
Тој најави дека ќе се обезбеди минимална загарантирана плата и за докторите и сестрите кои едвај преживуваат со мал број пациенти, за да нема одлевање на медицинскиот кадар, ниту затворање на ординациите што ќе биде на штета на пациентите.
„Очекуваме сето ова што беше кажано да стои, бараме да има континуитет во сите наши договорени барања и оние со претходниот министер за здравство, се’ со цел да имаме задоволни и мотивирани здравствени работници кои ќе работат за доброто на своите пациенти“, изјави Чолакова Дервишова.

.






