Украинските борци ја завршија повеќенеделна одбрана на опколената фабрика за челик „Азовстал“ во стратешкиот пристанишен град Мариупол, откако стотици борци – десетици од нив сериозно ранети – вчера беа евакуирани, јавија медиуми.
„На Украина ѝ се потребни живи украински херои“, рече претседателот Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање, додека деликатната операција продолжи.
„Се надеваме дека ќе успееме да ги спасиме животите на нашите момци. Меѓу нив има и тешко повредени, на кои им е укажана лекарска помош.
Челичарницата ја напуштија 264 украински војници.
Меѓу нив и 53-ца тешко повредени, соопшти украинскиот Генералштаб на Фејсбук. Други 211 други украински борци биле однесени во местото Оленивка, кое е окупирано од руски трупи. Тие подоцна би требало да се вратат по пат на размена на заробеници.
Тешко повредените борци се транспортирани во градот Новоазовск.
„Благодарение на бранителите на Мариупол, добивме критично важно време за да формираме резерви, да прераспоредиме сили и да добиеме помош од нашите партнери“, напиша заменик-министерката за одбрана Хана Маљар на Фејсбук.
Украинските власти постигнаа договор за прекин на огнот со руската војска во понеделникот, при што десетици автобуси беа видени како ја напуштаат фабриката.
Комплексната евакуација беше координирана со помош на Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.







