Оставка не е доволна, за ова предавство власта треба да одговара. Ова се историски моменти и во вакви моменти младите не смеат да бидат кукавици. Доаѓаме тука да ги одбраниме идентитетот, историјата и јазикот… Ова се само дел од излагањњата на денешните говорници на протестот пред македонското Собрание на кои насобраните граѓани уште еднаш кажаа НЕ за францускиот предлог и НЕ на бугаризацијата.
Утрешниот протест е закажан за во 12 часот, еден час пред почетокот на собраниските седници на кои најпрво ќе се обрати претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, а потоа пратениците ќе ја почнат расправата за францускиот предлог.
Вечерва говореше новинарот Горан Момировски кој порача дека оставката на оваа влада не е доволна. „Некој за ова предавство мора да одговара. Во македонската историја секогаш имало каколо во житото, сме го имале Коте од Руља, да не ги редам тие од постарата генерација, но сега имаме и Љубчо од Делчево, Зоран од Муртино, Стево од Автокоманда, Димитар од Куманово. Секогаш сме ги имале и секогаш сме ги победувале во историјата и сега ќе биде така“, рече Момировски.
„Тука сум затоа што не сакам да ме бројат како уште еден излажан, доаѓам за утре кога внуците ќе ме прашаат каде беше дедо и што правеше кога се решаваше за идентитетот, за јазикот, историјата за достоинството на Македонија, да можам да им кажам бев на вистинското место. Кога ќе го направам тоа ако не сега, а каде ако не тука“, изјави вечерва на протестот „Ултиматум – Не благодарам“, поетот и новинар Ѓорѓи Барбаровски.
Тој вели дека доаѓа на протестите затоа што ништо само од себе не може да се разбуди и може да се разбуди само во нас во сите заедно.

Пред 30 години го напишав мојот завет што вие овие денови го пеете. Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат, само ти си бесмртна, жива водна подземна, кај што тонеш ти извираш. Може да те одречат, може да те предадат, може сешто да измислат само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш. Векови пеколни заедно ќе минеме, древно земјо македонска, така пишано ништо да не бидеме ти без мене јас без тебе“, рече тој.
Пред Собранието некои од учесниците во протестот поставија шатори и најавија дека ноќта ќе ја поминат таму.
Извор: МКД.мк






