За тешката сообраќајна несреќа во која ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова која што загина на лице место на пешачки премин во Велес, обвинетиот Ангелчо Николов е осуден на 18 години затвор .
Николов – кој по несреќата избегал без да укаже помош на повреденото девојче и нејзината мајка која се здобила со тешки телесни повреди – ја призна вината на првото рочиште на судскиот процес, а беше обвинет за две дела:
за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и
за неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна несреќа.
При изрекувањето на пресудата, судијката Габриела Гајдова наведе дека отежителна околност е и тоа што загинатото девојче било дете единец.
Судот му изрече единствена затворска казна од 18 години.
Сообраќајната несреќа се случи на 17-ти декември. Тој возел повеќе од двојно побрзо од дозволеното, а претходно бил во повеќе угостителски објекти. Два дена подоцна возачот се пријави сам и оттогаш е во притвор.
Тој претходно во два наврати имал тешки и сериозни сообраќајни прекршоци поради што му била и одземена возачката дозвола.







