Екс лидерот на СДСМ Зоран Заев кој се уште е еден од (нај)важните фактори во владечката партија ја откри бројката на членови на ВМРО-ДПМНЕ и можната причина зошто власта бега од избори.
Бројката на членството на ВМРО-ДПМНЕ според Заев е кажана во негов коментар за референдумот против Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
Коментирајќи дека над 75 проценти се против иницијативата за одржување референдум за неговото поништување, покрената од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Заев откри дека најголемата македонска партија има членови колку една четвртина од сите Македонци.
Поранешниот премиер и потписник на Договорот со Бугарија бројката ја откри одговарајќи на новинарски прашања на маргините на Конференцијата „МКБГ2023 рече: Младите и образованието како клуч за посилно евроатлантско сојузништво”.
,,Тоа е препознаено од сите граѓани, над 75 проценти се против ваквата иницијатива за референдум, а другите 25 отсто ги има бидејќи тоа се членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во светот нема да најдете никаде некој кој би бил против пријателство, добрососедство, соработка. Нашиот македонски народ и сите етнички заедници во Македонија нема да го поддржат тоа”, рече Заев.
Ако се знае дека во Македонија според избирачкиот список има над еден милион и 800 илјади гласачи тоа значи дека според Заев ВМРО-ДПМНЕ има околу 450 илјади членови.
Оваа бројка на следните избори на ВМРО-ДПМНЕ може да му донесе дури и апсолутно мнозинство во парламентот.






