И Влатко Стефановски „го продаде кучата“?! И тоа за грст денари? Собрани од мене, од тебе, од сите граѓани што преку даноци и други давачки ја полнат државната каса. Со цркавицата на илјадници обични македонски смртници што одвај составуваат крај со крај беше платена „прославата“ на Илинден на Мечкин Камен, на која тој го честита „празникот на нашата Република Северна Македонија“.



Со неподнослива леснотија, музичката ѕвезда избра (погрешна) страна.

Еден друг Влатко, Лозаноски, одби да пее на „НАТО фест“, организиран исто така со наши пари, од државниот буџет. За неговиот имењак денес да ја погази волјата на две третини од македонските избирачи што на 30 септември 2018 година со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум јасно кажаа што мислат за преименувањето на македонската држава.

Влатко Стефановски не е случајно име на македонската музичка сцена за да се помине лесно преку неговиот гест на местото каде што македонските херои, на чело со Питу Гули, на величествен начин го положија својот живот пред олтарот на Македонија. Тие не се бореа и загинаа за никаква „Северна“, за повеќе од еден век подоцна некој да промовира непостоечка идеја во нивно време.

Ерик Клептон не штедеше комплименти за неговата виртуозност со гитарата. Во поранешна Југославија имаше култно место како фронтмен на легендарните „Леб и сол“. Во независна Македонија продолжи по истапканите патеки на славата, промовирајќи ја македонската изворна народна музика преку музичкиот правец етноџез, чиј еден од најистакнатите претставници е токму тој. Ден денес е со задоволство виден гостин на многу престижни музички сцени на сите страни од светот.

Токму оттаму и бурата во јавноста околу неговиот „ничим изазван“ испад на најголемиот македонски државно-верски празник. На 2 Август од едно од најсветите места за Македонците да го промовираш омразениот збор на „С“ за огромното мнозинство свои сонародници е најмалку што се очекува од неспорна музичка величина и во нивните очи.

(Пре)тажно. Прелесно прешалтување на непопуларни позиции произлезени од класично силување на народната волја. „Тешка геостратешка грешка“, што би рекол Зоќито.

Просто несфатлив лупинг кога ќе се стави во корелација со вонвременскиот исечок од „Диво месо“ на неговиот брат, бардот на македонската драматургија Горан Стефановски, во кој крикот на Димитрија никогаш не звучел поактуелно:

„А ти ако сакаш да разградуваш, марш надвор и не враќај се! Изрод еден!

Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во кенеф!

Ебави младоста. Сè ќе запустите.

Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата.

Сè на своја рака… со првиот ветер како муви без глава… мислите сè што лета се јаде.

Европа ве бара!

Ѝ се прди на Европа за вас!

Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два. И им пречи на Европјаните да прават кариера!

Не знаете да се чувате… живеете на вересија…. ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини…

Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас!

Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“.