Започнува жесток судир меѓу “Зелената” и “Сивата” агенда во ДУИ

По вчерашното усвојување на Законот за национален парк Шар Планина со кои делови од планината беа прогласени за заштитена зона во ДУИ започнува жесток судир на еколошка основа.



Делот од партијата кој инсистира Зелената агенда да не биде само политички маркетинг се обидува да расчисти со активности на партиски структури кои граделе нелегални објекти на планински локации каде не смеат да се градат никакви објекти.

Партиски извори уверуваат дека се работи за одлука на највисокото раководство на партијата да се расчисти со сите узурпатори на заштитени зони иако меѓу нив има и високи и влијателни партиски членови и државни функционери кои ќе бидат предмет на акцијата за темелно спроведување на “Зелената агенда”.

За расчистување со влијателните функционери на ДУИ за кои било утврдено или допрва ќе се утврдува дека одат спротивно на еколошката регулатива или законот за Национален парк Шар Планина таканареченото “Зелено крило” во ДУИ имало директна поддршка од лидерот на партијата Али Ахмети и од двајцата најистурени владини функционери вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи кои пак се под притисок на странски дипломати во Скопје да опстојат на Зелената агенда.

Еден од главните таргети на првата сериозна активност на оваа нова позиција на ДУИ е висок партиски функционер кој има повеќе објекти на Шар Планина и кој е дел од таканареченото “Сивото крило” кое формално ја поддржува Зелената агенда на ДУИ но реално не сака да се откаже од објектите кои ги има изградено на Шар Планина.

За ДУИ ова е прв и најважен тест дали навистина сака да ја имплементира Зелената агенда најавена како највисок партиски приоритет од пред еден месец.

“Ако допуштиме наши функционери да си играат со законите со кои се регулираат еколошки проблеми во очите на граѓаните и на еколошките организации ќе станеме обични измамници кои ја злоупотребуваат екологијата за лични интереси”, велат активисти на ДУИ на кои им било ветено дека ќе се расчисти со сите што ја злоупотребуваат природата за лукративни причини.

“Ако паднеме на овој испит, долгорочно ќе имаме сериозни последици врз имиџот и довербата како партија”, вели член на партијата кој е свесен дека акцијата што се презема деновиве може да предизвика турбуленции на локално и државно ниво.

Од ДУИ најавуваат информации за конкретни акции на државни и локални институции кои во соработка со Јавното обвинителство веќе почнале да работат на предмети за нелегални објекти во Националниот парк Шар Планина.