Наспроти уверувањата од министерот за здравство Венко Филипче дека епидемијата на Ковид-19 во Македонија е под контрола, како преттекст за избори следниот месец за кои инсистираат од СДСМ, бројките на новозаболени се зголемуваат.
Во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи позитивни на коронавирус, што е за девет лица повеќе од вчера и речиси три пати повеќе од завчера, кога имаше 10 нови пациенти.
Девет од потврдените 29 нови случаи од 349 направени тестови во изминатите 24 часа се во Скопје, шест во Прилеп, пет во Тетово, по два во Струга, Велес, Битола и Охрид и еден во Куманово. Досега се направени вкупно 20.088 тестирања.
Институтот за јавно здравје денеска регистрира шест оздравени пациенти, од кои тројца во Велес и по еден во Штип, Гостивар и Кочани.
Вкупната бројка на дијагностицирани од Ковид-19 од почетокот на епидемијата во Македонија достигна 1.723, оздравеа 1.235 пациенти, починаа 95, а бројот на активни случаи е 393.






