Западот „уморен“ од Украина, се пожали министерот за финансии Марченко

Обезбедувањето финансиска поддршка станува сè потешко за Киев бидејќи западните поддржувачи на земјата го пренасочуваат својот фокус кон домашните прашања и геополитичките тензии, изјави украинскиот министер за финансии во саботата за Ројтерс.



Говорејќи на маргините на состаноците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светската банка во Маракеш, Сергеј Марченко рече дека Киев мора да направи „двојно поголем напор сега за да ги убеди нашите партнери да ни дадат поддршка во споредба со последните годишни состаноци“ пролетоска.

„Гледам многу замор, гледам многу слабост кај нашите партнери, тие би сакале да заборават на војната, но војната сè уште е во тек, во целосен обем“, рече министерот, мислејќи на конфликтот со Русија.

Меѓу факторите што го оттргнуваат вниманието на Западот од Украина официјалниот претставник ги наведе непријателствата меѓу палестинската милитантна група Хамас, која ја контролира Газа, и Израелските одбранбени сили (ИДФ). Многумина стравуваат дека конфликтот може да се прошири на поширокиот Блиски Исток, попречувајќи ја целата глобална економија, бидејќи регионот е клучен снабдувач на енергија и клучен поморски центар.

Марченко, исто така, посочи на изборите следната година во САД и Европа како уште едно одвлекување на вниманието. Тој нагласи дека „геополитичката промена и внатрешниот политички контекст во различни земји“ ги прави владите на сојузниците помалку фокусирани на поддршката на Украина.

На Киев моментално му е потребна финансиска поддршка од Западот за да ги покрие поголемиот дел од буџетските потреби од 43 милијарди долари во 2024 година.

„Веќе имаме некои обврски, како 5,4 милијарди долари од програмата на ММФ, и очекуваме обврски од Јапонија и Обединетото Кралство, и се разбира, се потпираме на нашите клучни партнери и сојузници Соединетите Американски Држави и Европската унија“, рече Марченко. Украина, исто така, бара начини да го реструктурира својот меѓународен долг и да обезбеди ново финансирање, додаде тој, без да посочи временска рамка за тоа кога би можеле да започнат разговорите со приватните кредитори.

Претходно оваа недела, Марченко напиша на X (поранешен Твитер) дека Украина добила транша од 1,2 милијарди долари помош од Вашингтон, со што американската поддршка за Киев оваа година достигна 10,9 милијарди долари. ЕУ ѝ вети на Украина 18 милијарди евра (18,9 милијарди долари) помош оваа година, а Брисел во моментов работи на уште еден пакет поддршка од 50 милијарди евра што ќе биде дистрибуиран од 2024 до 2027 година.

Исто така, Белгија претходно оваа недела објави дека ќе ѝ пренесе на Украина даночни приходи во вредност од 1,7 милијарди евра генерирани од руски средства замрзнати од клириншката куќа Еуроклир. Чекорот беше дискутиран во Маракеш, а според изјавата по состанокот на гувернерите на централните банки и министрите за финансии на Г7 во четвртокот, тој може да се повтори и од други западни држави, и покрај правните грижи. Марченко рече дека одлуката покажува оти за западните држави, предавањето на руските средства на Украина сега „звучи како план“.

Русија силно се спротивставува на користењето на нејзините замрзнати средства како помош за Украина, тврдејќи дека тоа е спротивно на меѓународното право и нарекувајќи го целосна „кражба“.