Западот ќе воведе санкции без преседан на Русија, откако претседателот Владимир Путин одобри инвазија на Украина, изјави Џејмс Клеверли, министер за Европа на Обединетото Кралство, пренесува Ројтерс.
Ќе претставиме, во тесна соработка со нашите меѓународни пријатели и сојузници, невиден, координиран одговор со санкции за казнување на оваа ужасна одлука, изјави тој за Sky News.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово ого повика светот да ја принуди Русија да го зачува мирот.
Белата куќа објави соопштение во кое се вели дека Путин избрал војна која би резултирала со катастрофални загуби на животи и човечко страдање.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги опиша актуелните настани како „ужасен ден за Украина и мрачен ден за Европа“.
Од своја страна, ОН го повикаа рускиот претседател да ги повлече своите трупи од Украина во име на хуманоста, а британскиот премиер Борис Џонсон му замери на Путин што го избрал патот на крвопролевањето и уништувањето со тоа што извршил неиспровоциран напад врз Украина.
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, исто така, увери дека ЕУ ќе ја смета Москва одговорна за нејзиниот „неоправдан“ напад врз Украина.







