Захариева: За Бугарија е прифатливо името „Северна Македонија“

Иако официјална Софија долго се противеше на предлогот „Северна Македонија“ за име на западниот сосед поради својот пирински дел, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева денеска од Скопје го порача спротивното.



„Единственото што го посакуваме е да бидеме заедно во Европска унија. За Бугарија е прифатливо името ‘Република Северна Македонија’. Ние први ве признавме и ја признаваме Република Македонија како целина. За нас е важно да нема територијални претензии и тоа присуствува во нашиот договор“, изјави шефицата на бугарската дипломатија при посетата на скопскиот Градски парк, каде што се одвива фестивалот „Уан лав тур 2018“, на кој учествуваат музичари од двете земји.

„Бугарија сака Македонија да почне преговори за членство во ЕУ до крајот на месецов. Веќе навистина нема време и убедена сум дека по потпишувањето на договорот со Грција утре од страна на министрите за надворешни работи и во присуство на двајцата премиери, на посредникот Хан и на комесарот Могерини, на 26 јуни на Советот на ЕУ со кој претседаваме Македонија ќе добие зелено светло за преговори“, додаде Захариева, која нема да присуствува на утрешниот настан во грчкиот дел од Мала Преспа.