„Не можеме да затвориме очи и да се преправаме дека не гледаме дека има проблеми со спроведувањето на договорот со Македонија“, изјавила министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, за синоќешната средба во Берлин, пренесува БГНЕС.
„Сè уште не сме во состојба да ја одобриме рамката за преговори за Македонија“, рече таа. „Ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси кои ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Ова е ставот на бугарската влада“.
„Направивме одреден напредок во однос на отворените прашања во Берлин за Македонија“, додала Захариева, според која битно е македонската страна да признае дека користењето на краткото име (Северна Македонија) не се однесува на географскиот дел на Бугарија, дека не е поврзано со територијални или малцински претензии.
„Македонија се обврза да го објави ова. За јазикот, повторно потенциравме дека постојат две варијанти или употребата на варијантата 2017 година. Мислам дека и во Берлин имавме доста голема конвергенција на позициите. Досега, сепак, сè уште не сме во состојба да ја одобриме рамката за преговори за Македонија, но работиме и активно со германското претседателство“, рече Захариева. „Ние работиме за да ги рефлектираме преостанатите барања на Бугарија во рамката за преговори, кои се поврзани со гаранции со одобрување на акционен план за спроведување на договорот од 2017 година, јасно прогласен во рамката за преговори и еднострано од страна на Македонија, од страна на државните институции“.






