Захариева ѝ ја честита препораката на Македонија под уставното име

Наспроти најавите од Софија за воздржување од употребата на уставното име на македонската држава за време на бугарското претседателство со Европска унија, вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева ѝ ја честита на Македонија препораката за старт на преговори со Унијата токму со уставното име.



„Бугарија е многу задоволна од препораките на Европска комисија за започнување на преговори со Република Македонија и Албанија. Се надевам дека таква одлука ќе биде донесена за време на Советот во јуни и ние ќе почнеме да работиме за ова веќе оваа недела“, напиша Захариева на својот профил на „Твитер“, користејќи го името под кое Бугарија прва ја призна независноста на својот западен сосед на 15 јануари 1992 година и така ѝ се обраќа во билатералните односи до денес.