Загинаа 57 Украинци, а 169 се ранети во првиот ден од руските напади, потврди Киев

Министерството за здравство на Украина соопшти дека во првиот ден од рускиот напад врз земјата загинале 57 граѓани, а 169 се ранети.



Руските трупи истрелаа проектили врз аеродромите во Бориспил, Озерни, Кулбакин, Чугуев, Краматорск, Чорнобаевка, како и во воените објекти на Вооружените сили на Украина, јави украинската новинска агенција Укринформ.

Руски оклопни возила ја нарушија украинската граница во регионите Чернихив, Суми, Луганск и Харков, а напади се вршат и од областите Донецк, Луганск и Крим.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека на целата територија на државата се воведува воена состојба. Утрото на 24 февруари, Врховната Рада го одобри претседателскиот декрет за воведување воена состојба во цела Украина.