Во скопско Лисиче ситуацијата со квалитетот на воздухот е критична. Таму веќе пет дена трае непрекината епизода со сериозно загадување. На 5 јануари дневната вредност на ПМ10 беше 154, на 6 јануари 194, на 7 јануари 150, а вчера 8 јануари беше 185!



Мерната станица Лисиче во Скопје покажува дека воздухот во овој реон е опасно загаден и веќе два дена по ред среднодневната концентрација на ситни честички ПМ10 е над 150 микрограми на кубен метар воздух, што е услов за аларм и воведување мерки во другите градови, но не и во главниот град, објави „Слободен печат“.

За да се воведат мерки против загадувањето во Скопје, потребно е условот за алармирање да е исполнет на уште една мерна станица во градот, а тоа не е случај. Сите останати станици, Центар, Гази Баба, Карпош, Ректорат и мобилната станица во Ѓорче Петров покажуваат зголемено загадување, но не доволно за аларм.

Овие опасно високи концентрации на прав за време на празничниот викенд го сместија Скопје во топ-листата на најзагадени градови на светот на сајтот IQAir, според индекс на загадување.

Утрово Скопје е на 13. место во светот со индекс на загадување од 171. Од европските градови на првите 20 места денеска на оваа листа е само индустрискиот град Краков во Полска, а сите останати се градови во Азија.