Заев: За оставките – по истрагата

Премиерот Зоран Заев за оставките поднесени од министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик и директорите на тетовската болница ќе одлучи откако ќе заврши истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.



„Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи.

Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.

Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага“, вели Заев во писменото обраќање до јавноста.

Тој додава дека одговорност има и ќе има, како што вели, „јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“.