„Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години. Лично верувам дека до крајот на оваа година е можно решение“, изјави премиерот Зоран Заев во врска со бугарската блокада на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
На отворањето на Самитот за Западен Балкан на „Економист“, што се одржува денеска во Скопје премиерот процени дека за 50 % ќе се зголемат шансите за отстранување на бугарската блокада по локалните и по парламентарните и претседателските во ноември во Бугарија, а пред Нова Година.
Одговарајќи на прашање од регионалниот директор на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, за бугарското вето и дали добиле уверувања од ЕУ дека јазикот и историјата нема да бидат предмет на преговори, Заев рече дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање. Содржината продолжува после огласот
„Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо“, изјави Заев.
Разбирам, рече премиерот, зошто политичарите не може да ветат решенија, на пример до крајот на годината, затоа што во меѓувреме се случуваат избори.
„ Но, продолжуваме да работиме. Продолжуваме по нашиот пат, прво со пријателство, преку кое што ќе добиеме многу. И двете земји сме членки на НАТО, а минатата година ЕУ донесе одлука за почеток на преговорите. Ние сме горди со се што се случува и покрај тоа што имаше пандемија“, изјави Заев.






