Заев за Богоевски: Во ред е ако приватно кршите закон а функцијата ја вршите добро

Премиерот Заев нема проблем со тоа што пратеникот на СДСМ Павле Богоевски нарачувал забранети супстанци се додека тоа не влијае на извршувањето на јавната функција пратеник.



Она што во приватниот живот на одредена личност нема рефлексија врз извршувањето на неговата јавна функција за мене е негово лично право, рече денеска премиерот Зоран Заев, коментрајки го случајот со пратеникот Павле Богоевски. Заев застана во одбрана на пратеникот кој призна дека го прекршил законот и повика истрагата да се заврши.

„Јас сум транспарентен човек секогаш сум повикувал на одговорност, сум разрешил луѓе, директори…Сега зборувам за нови промени. Она кое што во приватниот живот на одредена личност нема рефлексија врз извршувањето на неговата јавна функција за мене е негово лично право како се однесува. Затоа и мојата политичка партија соопшти дека тоа е негово лично право, негова лична одговорност и етичко однесување. Неговото работење во парламентот е успешно. Тој е еден од активните учесници во парламентот и учествува во комисиите. Каква и политичка одлука да донесе ќе ја почитувам“, изјави Заев кој денеска е во Виена.

Премиерот како олеснителна околност го зема тоа што Богоевски сам пријавил во полиција.

„Направил обид за да набави лек за својата сестра, не сум имал можност да се видиме, но ќе се видиме. Треба да биде еднаков како сите, но се пријави и самиот и го пријави и таксистот. Јавно настапи и транспарентно, не го бранам, но како што се зборува за сите така и за него“, рече Заев за случајот “Кокаин за пратеникот Богоевски”.