Заев врати на нападот од Димитров и побара да се однесува чесно

Откако во своја изјава вицепремиерот за евроинтеграции во заминување порача дека не и верува на владата на СДСМ и ДУИ која може да го загрози македонскиот идентитет доаѓа реакција од кабинетот на премиерот Заев на изнесените ставови од Никола Димитров:



,,Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР.
Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија.

Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Македонија.

Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата”, стои во реакцијата на кабинетот на Заев до Димитров.

Никола на Бујар не му верува!?