Заев: Уставните амандмани ќе бидат донесени на време

Премиерот Зоран Заев очекува да бидат запазени сите рокови за процесот за донесување на уставните амандмани, што се обврска согласно Договорот од Преспа.



„Деловничките рокови се јасно определени. Ако ние на 5 ноември на седница на Влада ги усвоиме нацрт амандманите  и ги пуштиме до Собранието, за 30 дена треба да се закаже седницата. Седницата ќе се закаже во рамки на 30 дена, согласно Деловникот, и ќе се отвори дебатата во Уставната комисија и во Законодавно правната комисија. Секако вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамки на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа и си дозволуваме да проектираме датуми за втората половина на јануари, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето на симпозиумот на тинк тенкови од Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Тој рече дека имал квалитетен работен состанок со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на кој добиле конкретни сугестии, што верува дека ќе бидат вградени во самите текстови.

„Ќе ги консултираме уште еднаш за тоа што сугерираат, да го видат преточено во текст, како тоа изгледа, и ако го дадат пасот продолжуваме со следните чекори“, вели премиерот.

Иако не било обврска од Договорот, премиерот рече дека била консултирана и грчката страна на коа во духот на партнерството и пријателството „ред е да презентираме што македонскиот Парламент ќе одлучува во периодот што доаѓа“.

Заев е во постојана комуникација со грчкиот колега Алексис Ципрас и рече дека и двајцата не очекуваат пролонгирање на процесот, бидејќи, вели, ниту тие, ниту ние, имаме корист од тоа.