Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на нацијата по вчерашното бугарско вето со оценка дека тоа што ЕУ не постигна согласност за прифаќање на преговарачката рамка за Македонија е „неодговорна грешка и горчлива вест за целата наша нација“.



Заев рече дека и покрај тоа што институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека македонија целосно ги исполнува условите, Бугарија стави вето и со тоа го прекрши Договорот за добрососедство..

„Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство.

Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ“, рече Заев и додаде дека за македонскиот народ и за сите граѓани не се прифатливи овие услови.

Премиерот ртече дека не се дозволило да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик.

„Нема да дозволиме ниту антифашистичкиот идентитет на нашата земја да биде загрозен и да биде доведен во прашање! Темелите на нашата државност се во антифашизмот на АСНОМ, како што темелите на нашиот идентитет се во македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа се нашите столбови од минатото. Тоа се нашите столбови за иднината“, рече Заев.