Претседателот на СДСМ Зоран Заев во писмо упатено до членовите на Социјалдемократскиот сојуз вели дека на следните избори партијата има обврска да победи поради напредокот и доброто на земјата.



„Само тој избор е победнички. Секој друг избор е пораз“ вели во писмото и наведува три правила за сигурна победа на СДСМ на изборите во 2020 година, пренесува „Плусинфо“.

„1. Успесите на прво место!

Постојано да зборуваме за успесите, економијата на прво место. Власта на СДСМ има огромни успеси на сите полиња, а особено во економијата, социјалните политики и интеграциите.

Секој наш член, активист и политичар, во секоја прилика нужно е да ги комуницира успесите на власта на СДСМ во контакт со сите граѓани.

2. Режим никогаш повторно!

Постојано да потсетуваме за злоделата на ВМРО-ДПМНЕ, за режимот никогаш да не се повтори. Сите ние имаме многу лоши сеќавања од режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Газеа врз човековото достоинство. Тоа беше пред само две и пол години, а денес никој не сака да се повтори режим.

Затоа, постојано да потсетуваме за злоделата на ВМРО-ДПМНЕ и да ја потенцираме контролата која Никола Груевски ја има врз неговиот портпарол Христијан Мицкоски.

3. За научените лекции – После победата!

Во овие две и пол години власт на централно и локално ниво имавме многу успеси, но имавме и грешки и слабости. Сега е време да зборуваме за успесите и за понудата со која ќе излеземе пред граѓаните во очи изборите.

После победата на изборите, грешките од минатото заедно ќе ги анализираме и заедно ќе донесеме заклучоци за научените лекции.

До тогаш, постојано да зборуваме дека УСПЕСИТЕ СЕ ПОСИЛНИ ОД РЕЖИМОТ!“, се вели во писмото на Заев до сите членови, на СДСМ.