„Во Владата, во Парламентот и низ институциите буквално се тркалаат во финализација проекти во вредност од над осум милијарди евра, најголем дел се приватни инвестиции, јавни и приватни партнерства, концесии и државни проекти. Дел од тие проекти веќе ги пуштаме во употреба“, изјави премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања во Виница.
Во делот на инвестициите, ја спомена фабриката за обработка на отпад што треба да се гради во Неготино која ќе покрива 48 општини, потоа изградбата на ветерниот парк Богословец кој ќе снабдува повеќе од 20 илјади семејства со електрична енергија, фотоволатаичните централи, како и учеството на државата во изградба на интерконекторот во Александропулос за што во Атина беше потпишан договор меѓу Македонија и Грција.
За странските инвестиции вели дека веќе се потпишани пет договори за инвестиции во ТИРЗ-те, а во последните четири месеци потпишани се вкупно 15 договори за странски инвестиции.
„Само странските инвестиции се повеќе од 700 милиони евра кои се потпишани или се во тек на разговори“, рече Заев како што пренесе Сител.







