Премиерот Зоран Заев, денеска изрази надеж дека во декември ќе се сретне со бугарскиот колега Бојко Борисов.
„Ние само треба да имаме добра волја и да гледаме позитивно и да ја имаме проектирано иднината пред нас. Верувам дека до вториот Совет на министрите на 8,9, 10 декември, кога и да биде, ќе има и средба меѓу мене и Борисов, а верувам дека и нашите работни групи кои контактираат интензивно ќе создадат услови за тоа – се развиваат идеи, се разглобуваат секакви варијанти во духот на дигнитетот и достоинството на двата народа да се изнајде европско решение со вградени европски вредности во него“,рече Заев.
Тој смета дека ова дополнително време кое излезе до одржувањето на вториот состанок на ГАК, им дава можност на двете страни да бидат паметни и да ја искористат.
На прашањето, на какви отстапки е согласна нашата земја за да се дојде до решение, Заев рече дека не станува збор за отстапки, туку за решение од двете страни, дека има начини како да се дојде до тоа и пред се дека му е драго што Бугарија го признава, како што рече македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност и со тоа ќе се изнајде решение во кое секоја од страните ќе внимава на интересите на другата страна.
„Се надевам дека ќе докажеме дека сме големи пријатели“,рече Заев.




