Заев не видел причина за оставка на Рашковски

Премиерот вели дека ген-секот на Владата во два наврати му понудил оставка во врска со тендерот во М-НАВ, но дека тој не видел причина за оставка на Драги Рашковски.



Одговарајќи на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, зошто не побарал одговорност од Рашковски по скандалот со објавените видеа Заев рече дека се спроведува истрага и во Антикорупциска и во Обвинителство за евентуална злоупотреба, но оти постои и истрага за неовластено снимање и пуштање во промет на снимки.

„Апсолутно не сум видел одговорност, за да побарам одговорност или да прифатам понудена одговорност“, рече Заев.

Затуроска, посочи дека наместо одговорните да ги гонат тие што направиле криминал тие ги гонат оние кои што го откриваат криминалот.

„ Така, на тој начин и господинот Рашковски кажа – лепеле, монтирале и така натаму… Не може да владеете три години на начинот на кој што владеете. Да го стегате народот за да можете вие така слободно да пливате во водите на криминалот. Не може вие да го амнестирате Рашковски за нешто што целата јавност го слушна. Само кај нас имаме вакви изместени вредности во сферата на правото додека ЈО, што требаше да се занимава со овој случај, гледаме никаде го нема, се мачи Антикорупциска, прибира некои материјали, тоа е се со цел за да се одолговлечи процесот и наместо одговорните да ги гонат тие што направиле криминал тие ги гонат оние кои што го откриваат криминалот…

Поради тоа сакате да го оставите господинот Рашковски кој што ви оди во вашиот терк, а ние ќе сечеме, ќе монтираме, ќе лепиме и ќе додаваме“ рече Затуроска.