На денешното рочиште во Основниот граѓански суд во Скопје, каде продолжи судењето за клевета во тужбата на премиерот Зоран Заев против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Заев пред судот призна дека не поседува записник дека го пријавил случајот „Рекет“ кај обвинителката Вилма Рускоска, како што тврди.
Од страна на Николоски беше прашан дали поседува записник дека го пријавил случајот „Рекет“ кај Обвинителството.Заев рече дека претходно го споделил и терминот кога бил кај Рускоска и државниот обвинител Љубомир Јовески и оти тоа го направил после средбата со бизнисменот Орце Камчев.
– Не поседувам записник ниту службена белешка, ако имав нема зошто да не го објавам. Не лажам, рече Заев.
Заев го тужи Николоски за изјавата дека тој се наоѓа на врвот на криминалната пирамида во случајот „Рекет“. Николоски се застапува самиот, без адвокат.
Судијката го праша премиерот како се чувствувал кога на тв „Алфа“ ја слушнал изјавата од тужениот дека бил на чело на рекет тежок 20 милиони евра.
– Кога ја слушнав таа изјава бев заедно со моите родители, сопругата, родителите и децата. Ова предизвика болка, тешкотија, мачнина кај моето семејство. Тоа не му го посакувам никој да го доживее . Тие ќе продолжат вака да се однесуваат ако не бидат законски спречени. Јас сум најмалку 50 пати напаѓан од Николоски и тоа што го говорел е стопроцентна невистина и тој тоа го знае, рече Заев.






