Заев не гледал проблем што нема записник за изборот на Џафери

На премиерот Зоран Заев не му претставувало никаков проблем тоа што Талат Џафери цела година ја извршува функцијата претседател на Собрание, иако до денес нема записник за неговиот наводен избор.



Според претседателот на Владата, граѓаните имале можност да видат како е извршен изборот и оти тие се гаранцијата за тоа, а записникот од седницата бил обична формалност?!

„Видливо беше како се направи изборот во услови кога по 32 дена блокирано Собрание, со должно внимание и водење грижа за сите аспекти, се спроведе процедурата и се гласаше со мнозинство за избор на претседател на Собранието“, изјави Заев.

„Доказите се гледаат и достапни ѝ се на јавноста. Верувам дека тој записник може да се преточи на хартија, поради тоа што тоа е визуелно евидентно и верувам дека Собранието ќе ги формализира своите постапки. Веројатно има начин записникот да се стави на хартија“, додаде тој.

Токму немањето записник од спорната седница го оневозможува Обвинителство да реагира по кривичната пријава за Џафери и за други пратеници што учествуваа во фамозниот избор. Од таму неколку пати барале од Собрание да им ја достави документацијата, но досега не добиле одговор.

Пред некој ден Џафери за телевизијата Алфа изјави: „Записникот е напишан, ама не е ставен на седница. Не е ставен на дневен ред досега оти немаше услови за тоа. Кога ќе биде ставен не знам, веројатно кога ќе се создадат услови“.