Премиерот на Македонија Зоран Заев, вчера од самитот на ЕУ за Западен Балкан во Брдо, Словенија, во изјава за медиумите порача оти e јасно дека само една членка на ЕУ – Бугарија – се противи за почетокот на преговори за зачленување на Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Заев порача дека бугарските барања, најново изјавени преку настапот на бугарскиот претседател Румен Радев (Бугарија во моментов функционира со техничка влада назначена од Радев), се неприфатливи за граѓаните на Македонија. Посочи дека македонскиот идентитет не е тема на преговорите.
„Денеска на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговори за членство во Европската Унија. За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“, изјави македонскиот премиер.






