Цели 100 дена откако започна вакцинацијата во Европа премиерот тврди дека имало предност што сме меѓу последните што добиваат сериозни количини вакцини.
Тоа што во овие сто дена додека другите земји се вакцинираат со сериозни количини вакцини во Македонија починаа стотици луѓе, премиерот не коментираше.
Премиерот Зоран Заев вели дека очекува граѓаните масовно да ги прифатат вакцините, иако вчера беше потврдено дека во недела ќе пристигнат само 24 000 вакцини на „Астра Зенека“ кои се доволни за 12 илјади луѓе.
Тоа е првиот чекор кон имунизацијата порачува премиерот кој смета дека доцнењето со процесот на вакцинација има и предност – можеле да се видат предностите и слабостите и да се констатира заклучок дека сите вакцини се безбедни.
„Има една предност што сме, така да кажам земја со задоцнување со вакцините. Земјите членки на ЕУ почнаа пред нас и можевме да согледаме предности и слабости, а од тоа може да извлечеме единствена констатација дека вакцините се здрави, треба да ги користиме сите. Колку час поскоро се вакцинираме сите, толку поскоро ќе ја победиме оваа грозна пандемија која го смени животот во целиот свет, така и во нашата земја. Верувам дека ќе го испочитуваме редоследот кој е даден од страна на здравствената комисија, а тоа се покрај здравствените работници, повозрасните луѓе, хронично болните. Тука се приоритетите на попишувачите кои треба да тргнат. Секако треба да водиме грижа за нашата полиција, војска, тоа се секако групи, но понатаму, согласно она што значи препорака од страна на здравствените комисии, да го следиме тој процес и да бидеме одговорни“, изјави Заев кој најави дека веројатно овие денови ќе стигнат и други количини вакцини по други механизми, за кои не е целосно сигурен.





