Заев најави бркање од работа на околу 27 илјади административци

Премиерот Заев најавува бркање на околу 27 илјади вработени во јавната и државната администрација која што е една од мерките со кои владата сака да обезбеди пари за капитални инвестиции.



“Имаме силна политичка волја и подготвеност за целосно и длабоко спроведување на структурните реформи“, рече вчера Заев во емисијата „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ, на прашањето каков е одговорот на Владата во однос на ова прашање кое го нотира и Европската комисија во годинешниот извештај за нашата земја.

„Некои од тие мерки се непопуларни, но ќе мора да бидат спроведени. Драстичното намалување на непродуктивните трошоци, вклучително тука и намалување на администрацијата за 20% е нешто што ќе ослободи дополнителни финансиски средства за да ја помагаме економијата со капитални инвестиции. Нашата продуктивност мора да ја изедначиме со онаа на земјите од ЕУ, а тоа ќе дојде со доследно спроведување на реформите од правосудството до образованието“, нагласи премиерот Заев.

Во јавната администрација, или севкупно во сите органи и тела со јавни овластувања, има вкупно околу 133 илјади вработени, од кои помал дел се со привремено решение, а дел се од акционерските друштва со државен капитал.

Доколку Заев ја оствари најавата тоа значи дека околу 27 илјади луѓе ќе останат без работа. По кој критериуми ќе се бркаат луѓето премиерот не откри.