Крв, Лукаревска од УЈП во првите редови, потенцирање на „успеси“ во вид на членство во НАТО и спроведен попис. Премиерот Заев кој никогаш не бил особено инвентивен ниту во идеите, ниту во зборот, по вчерашниот страшен пораз на локалните избори се обиде да ги заплаши противниците и што е најстрашно, граѓаните на Македонија. Побара обединување на „прогресивните“ а против „злото“. Се ми се чини дека во говорот пишуван додека Љупчо Николовски прв се црвенееше на бината со неколку симпатични девојчиња во позадината, премиерот всушност јавно се откажа од власта на локално ниво, испраќајќи порака дека централната власт се уште е во негови раце и немој некој случајно да се обидел да му ја загрози барем до следните парламентарни избори. Покрај него не беше ниту еден кандидат за градоначалник, дури ни ноторниот Шилегов, туку со згрчени, лажни намсевки се стиснаа на подиумот членовите на Владата, без Шекеринска нормално. Повикот до коалиционите партнери, исто така не се однесуваше на вториот круг од локалните избори, туку беше јасно насочен во правец да не му откажуваат послушност во парламентот. И Заев и Николовски по стоти пат, сосем нелогично ги „штиклираа“ НАТО и пописот, иако на овие избори граѓаните се прашуваа кој ќе менаџира општини, кој ќе поправа улици и сантирани јазли и кој ќе осветлува населби. Значи, јасно е, СДСМ се повлече од битката за градовите и селата низ Македонија, се повлече дури и од скопските населби, а последниот решавачки судир, „крвавото сражение“ ќе го чека во центарот на метрополата, во тврдината на „Илинденска“, каде веќе се подигнати барикади, песочни бункери и кули со мали прозорски окна од каде некој едноок стражар ќе треба да го пријави доаѓањето на „непријателот“.
Лидерот на опозицијата зборуваше пред Заев, но исто ќе беше и ако својот говор го одложеше за подоцна. Мицкоски повика на обединување на сите граѓани, повика на работа, на засукување ракави и на враќање на довербата. Без некој особен триумфализам, но со сигурност на оној кој веќе ги држи сите конци од претставата во своите раце, не се залета директно кон тврдината на „Илинденска“, туку побара од своите војници и офицери прво да ги освојат „малите“ крепости низ државата, а онаа големата, одлучувачката битка ја остави за времето и околностите кои нему, а не на Заев најмногу ќе му одговараат.
Американската амбасадорка Кејт Брнз, иако „гласен“ поддржувач на актуелната власт, всушност тактички одигра за опозицијата. Токму од амбасадата протекоа информациите за оние 83 вооружени битанги кои требало да прават нереди и да „застрашуваат раја“ на локалните, со што веројато спречи изборна кланица, но истовремено му покажа на премиерот дека неговиот рок на траење неповратно истекува. Можеби не му го простуваат Фрчкоски, кој беше промптно одбиен од Вашингтон, а власта упорно и насилно го испраќа на амбасадорка функција во САД, макар во ООН во Њујорк каде што не може да биде одбиен од американската администрација. Можеби поради драматичната корупција и присвојувањето на судството, кое наместо трета власт е претворено во извршен орган на Владата. Можеби едноставно поради фактот дека на надворешен план, не може да се оди подолу од ова каде што сме сега, иако се чини дека Заев е готов и на такво нешто само и само да го пролонгира својот пад. Има и други причини, се разбира, но тие се скриени во фиоките и фолдерите на „Калето“, а светлото на денот ќе го видат дури тогаш кога сегашниве дни ќе бидат далечно минато.
Сите три пораки се јасни, гласни, ако сакате и драматични. А четвртата, онаа клучната, всушност е тивка, едноставна, речиси нежна. Заокружено име на хартија. „Простиот“, добар и паметен македонски граѓанин, оној што трпи за леб, оној што уредно плаќа даноци, оној што не излегува на бучни протести, оној обично невесел и уморен човек од соседството, онаа жена со корпата во редот пред касата во продавница или во банка, е тие едноставни луѓе кои и покрај сите притисоци и уцени сепак си ја сакаат државата, излегоа на гласање и покажаа дека никој не може од нив да прави овци погодни само за стрижење. Покажаа дека можат да бидат господари на својата судбина. И врховен судија кој последен одредува кому каде му е местото.





