Зошто премиерот Заев три дена откако неговата политичка влада доби доверба во Собранието нуди опозицијата да влезе на Илинденска за да се формира Влада на национален спас.
Логично е Заев со добиена доверба во Собранието да го продолжи мандатот и да продолжи со фалбите за успеси на секое поле.
Но нешто го мачи и три дена подоцна призна дека нема капацитет да владее само со ДУИ и БЕСА.
Кои се можните работите кои се случија од средата до денеска што најверојатно го натераа да признае “капут” на неговот систем на владеење и да побара поделба на одговорноста:
1. Статистика објави дека само за првите два месеци од 2021 година државата има направено 90 милиони евра дупка во буџетот, што на годишно ниво значи дека до крајот на годината буџетскиот дефицит ќе порасне за нови речиси 600 милиони евра.
2. Стана јасно дека еврообврзница од 700 милиони евра може да обезбеди функционирање на административниот систем најмногу до јуни-јули по што ќе треба да се бараат нови заеми и кредити.
3. САД ни го вратија Љубомир Фрчкоски затоа што не може да добие безбедносен сертификат од НАТО, слично како и голем број други луѓе во владата. Со тоа на сите им стана јасно дека Заев кај најважните стратешки партнери испраќал луѓе кои во најмала рака не ги проверил дали предавале на научни академии на Путин во Москва, соработувале со непријателски служби на НАТО или се инволвирани во криминални или коруптивни дејствија.
4. Излезе извештајот на Фридом хаос во кој Македонија се означува како мека на корупцијата.
5. Бугарија почна да ја емитува својата пропагандна телевизија и покажа дека нема намера да запре со своите радикални шовинистички ставови на кои владата во Софија ја охрабрија токму Заев и неговите соработници Георгиевски и Бучковски.
6. ДУИ веќе почна да шири информации дека судирот во партијата меѓу Меџити и Груби треба да биде надминат со зголемување на владините бенефиции за оваа партија на сметка на СДСМ.
7. Делови на БЕСА по гласањето во Собранието бараат СДСМ веднаш да им даде соодветен поголем број на директорски и други функционерски позиции за кои ДУИ не сака да прави компромис.
Осмата и можеби најважна точка која е актуелна од поодамна е можноста Заев да дознал дека му се подготвува свилен гајтан од неговите западни поддржувачи кои гледаат дека освен што е неспособен тој не направи ништо и во битката со криминалот и корупцијата а целосно ја урниса економијата.
Ниту на ЕУ ниту на НАТО не му треба контроверзна влада и пропадната држава на еден од најважните коридори на глобалната политика каде се вкрстуваат интересите на сите големи сили.
Заев знае а и неговите поддржувачи знаат дека Преспа и Бугарскиот договор не можат да го спасуваат долго.
Во интервјуто за Слободен печат Заев изјави дека нешто мора да се стори во врска со Влада на национален спас затоа што народот е раскаран.
Ако по оваа изјава продолжи да владее по старо без да прифати одговорност и неопходни компромиси ќе биде секому јасно дека воопшто не му е гајле за раскараниот, понижен и осиромашен народ туку се грижи само како да остане на власт и да ја одложи казната за себе.
И до крајот на кариерата и на животот да се плаши дека еден ден во сонот што го сонува ќе му се појават луѓе како Капетан Јонел Боеру и потпоручниците Ѓоргин Октавиан и Дорин Мариан Цирлан.






