Претседателот на СДСМ Зоран Заев вели дека партијата му овозможила на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски да направи политичка кариера и дека формално ќе биде исклучен на следниот централен одбор на партијата.
„Максим тргна против Максим. На централен одбор треба да го констатираме тоа што Максим го направи. Тоа го знае Максим, Статутот не е од сега направен. Однапред се познати правилата“, изјави Заев коментирајќи ја одлуката на Максим Димитриевски кој пријави независна кандидатура за градоначалник на Куманово на локалните.
Според претседателот на партијата, статутот е јасно достапен, претпоследниот е изменет со етички кодекс каде се даваат сите права и слободи, но и одговорности.
„СДСМ е исклучително демократска партија, која своите одлуки не ги носи врз основа на ставови на поединци. Таму е јасно дека ако се спротивставите на СДСМ, не можете да бидете член на СДСМ. Инаку може да се изразува незадоволство и спротивставени ставови, дури и ако тие не се согласуваат со оние на највисокото раководство, рече Заев.







