Македонскиот премиер Зоран Заев се придружи на ставот на НАТО дека сега не е вистинско време за косовска армија, наспроти ставот на САД дека тоа е суверено право на Косово, како и на Али Ахмети од коалицискиот партнер ДУИ, кој во униформа ја честита одлуката на косовскиот парламент.
„Јас знам дека и ставот на НАТО е тој – не е време. Не ни требаат нови тензии. Уште еднаш да не заборавиме дека Балканот нема намера да биде буре барут. Апелирам до колегите, до премиерите, до претседателите на државите, да внимаваат на своите чекори поради тоа што наша заедничка обврска како шест земји од Западен Балкан, кои што имаме аспирации за членство во ЕУ, да ја унапредиме економската соработка, регионалниот развој и раст, да обезбедиме траен мир и да имаме интеграција во ЕУ“, изјави Заев.





