Заев: Ќе се најде решение за името и без дипломатски „булдожери“

Македонскиот премиер верува дека ќе се најде решение за името што ќе го сочува достоинството, идентитетот на двете земји и без посредство од дипломатски „булдожери“ и дека за такво нешто вреди да се жртвува и политичката кариера.



Во интервјуто за МИА, што треба да се појави утре тој вели дека „кога ќе ја слушнете најавата за средба Заев и Ципрас да знаете дека сме тука со достоинственото решение за државата“.

„Убеден сум дека ако направиме напори, да водиме грижа за нашите партнери од Грција, како тоа што ќе го договориме ќе помине во институциите. Но, и тие да водат грижа за нас, како тоа што ќе го договориме да помине низ институциите пред се и пред граѓаните во Грција и Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА што треба да биде објавено утре, од кое делови денеска пренесуваат повеќе медиуми.

Тоа е начинот на решавање на проблемот вели премиерот кој верува дека ќе се најде „решение кое ќе го сочува достоинството, идентитетот на двете земји“.

Премиерот потврди дека министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас идната недела ќе се сретнат во Охрид. Убеден е дека на состанокот ќе дојде до дополнително поместување на процесот.