Претседателот на македонската влада, во интервју за белградска „Политика“, вели дека успешен референдум за договорот со Грција кој предвидува промена на името на земјава во Република Северна Македонија ќе значи успех за секој граѓанин и дека владата ќе ги објасни придобивките од договорот потпишан минатата недела во Преспа.
„Граѓаните, ќе се изјаснат на референдум за историскиот договор со којшто државата оди напред. Тоа што е до мене и што е до Владата, ние ќе го направиме, ќе се обидеме целосно и темелно да им ги доближиме на граѓаните придобивките од договорот со Грција и да ги расчистиме сите предрасуди со коишто неодговорни политичари, водејки се од лични интереси ја замајувале или ја замајуваат јавноста“ вели премиерот Зоран Заев.
„Јас сум непоправлив оптимист, како што знаете, и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот.
Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како влада“, вели Заев во интервјуто за „Политика“.





