Заев ја зацврсти владеачката коалиција

Министерство без ресор за странски инвестиции ќе го води Бардул Даути, а заменик министер за транспорт и врски ќе биде Митасин Бекири, објави денеска партијата на Мендух Тачи, ДПА.



Сеуште нема официјална потврда дека Зеќирија Ибрахими од крилото на Беса на Гаши ќе добие ресорска позиција во образование или култура,иако тој демантира дека добил или би прифатил било каква позиција.

Од БЕСА потврдуваат дека имало средба на таа тема со Заев , а за понудата на премиерот вечер ќе одлучува и централното раководство. И Тачи потврди дека синоќа добил понуда од Заев за која во моментов одлучува и раководството.

И двете партии ќе добијат и заменици – министри, државни секретари и директори.
Зеќирија Ибрахими во јавноста е познат како пратеникот кој ја интонираше албанската химна во законодавниот дом за време на нелегитимниот избор на Талат Џафери за собраниски спикер лани на 27 април.

Од Влада нема потврда дали веќе е постигнат договор со овие две партии, откако дел од медиумите веќе објавија за можните понуди кој ги дал Заев. Премиерот веќе извесен период изјавува дека сака да го прошири парламентарното мнозинство и оти разговара со помалите партии.
По оставката на Билен Саљији од ДУИ останува празна и позицијата во правда. Неизвесно е дали Рената Десковска од образование ќе направи рокада и ќе прејде во правда или тоа ќе биде место резервирано повторно за ДУИ.

Засега е јасно дека Алијансата на Села и крилото на БЕСА кое го предводи Биљал Касами остануваат двете албанските партии кои не се дел од владината коалиција, иако замениците министри на Села и покрај излегувањето од Влада продолжија да ги вршат функциите.

Зијадин Села откако во изјава кажа дека не се задоволува со министерска позиција за носење бурек, му порача на Заев дек не ја заслужува веќе неговата доверба. Во изјава за Агенцијата ИНА, Села вели дека со голема загриженост го следи натпреварот за тоа кој ќе зграби поголем ден од владиниот колач или како што изјавил кој подобро ќе му служи на Заев.