Премиерот Зоран Заев се залага за измена на изборниот модел со што Македонија ќе биде една изборна единица.
„Се надевам дека предлогот за една изборна единица ќе се донесе со консензус. Ние немаме како поинаку, ние ветивме, дадовме збор на граѓаните уште во кампањата во 2016. Ние веруваме во тоа. Веруваме и покрај тоа што знаеме дека големите партии губат, но добива демократијата. Ако дојде до гласање во парламентот јас се надевам дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално СДСМ ќе гласа за измена на изборниот модел“ вели Заев.
Околу ова не се согласуваат владиниот партнер ДУИ и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пренесе „Плусинфо“:
Пратеникот Артан Груби вчера изјави дека политичките партии усогласиле измени на Изборниот законик, во кој не се предвидува промена на изборниот модел.Тој смета дека е апсурдно да се дискутира за промена на изборен модел на пет месеци пред предвремени избори.
И генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев смета дека не треба да има менување на изборниот модел на неколку месеци пред закажаните предвремени парламентарни избори. Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува на предлогот за мнозински модел со 120 изборни единици.





