СДСМ ја поддржувала Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и целосно стоела зад заштитата на македонскиот јазик и идентитет, но Уставот во однос на името на државата морало да се почитува, вака премиерот Заев ги оправда пратениците од неговата партија. Заев напомена дека во документот, секаде каде што се наведува името на државата, треба да стои Република Северна Македонија.
-Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам, ние тука нема да партиципираме. Нема да го кршиме Уставот. Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Ја поддржуваме Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе застанеме зад неа, на сите да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет, но тоа не значи дека треба да го кршиме Уставот, напомена Заев.
Први што треба да го почитуваат Уставот, дополни, се токму Парламентот, Владата, институциите и политичките партии.
-Во Резолуцијата на неколку места се спомнува Република Македонија, а во Уставот е Република Северна Македонија. И во Преамбулата, треба да стои Република Северна Македонија. Тоа е Устав, а не дали ние сакаме или не сакаме да биде вградено, рече премиерот.





