Средбата на премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата Беса Билал Касами околу барањата на Беса за дополнителни интервенции во уставот заврши со договор да се одржи – уште еден состанок.
„На средбата е договорено да се одржи уште еден состанок најдоцна до вторник, на работна група составена од претставник од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон и претставници од раководството и пратениците од Беса на Касами, за да се разгледаат детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции”, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.
Заев најави дека ќе има средба и со лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.
Беса и Алијансата поднесоа амандмани на уставниот законсо кои бараат зборот македонско во делот за државјанството да се замени со зборот граѓани и место “македонско/граѓанин на Република Северна Македонија” да стои само граѓанин на Република Северна Македонија.
Двете опозицски партии на Албанците имаат 4 пратеници чии гласови се неопходни за обезбедување 2/3 мнозинство за усвојување на измените на уставот.




