Заев и Борисов нема да се сретнат за македонскиот јазик, смета бугарски експерт

Спас Ташев од Бугарската академија на науките (БАН) не очекува да се оствари најавената средба меѓу Зоран Заев и Бојко Борисов за надминување на несогласувањата околу македонскиот јазик.



Причината, според историчарот и демограф, е тоа што таквата средба не би можела да биде на рамноправна основа по заминувањето на Заев од премирската позиција.

„Заев се покажа доста добар дипломат. Тој умееше да испраќа добри пораки во однос на Бугарија, кои, меѓутоа, секогаш остануваа без резултат“, изјави Ташев за телевизијата Бугарија он ер.

„Ланецот од погрешни чекори не почна во блиското минато. Тоа е недостиг на една визија за Македонија“, додава тој, барајќи од Бугарија да биде попрагматична кон југозападниот сосед.

Ташев забележува дека не е јасно кои се целите на Бугарија спрема Македонија и смета дека „не би требало минатото да биде нашиот главен мотив во меѓусебните односи“.