Заев: Го слушаме гласот на граѓаните („виц“ на денот)

Премиерот Зоран Заев преку својот профил на Твитер објави дека Владата го слушала гласот на граѓаните, но не мислеше на референдумското изјаснување од 30 септември.



„Го слушаме гласот на граѓаните. За вака важни работи не смееме да одлучуваме сами, граѓаните ќе бидат последни во процесот на одлучување“, твитна тој.

Твитот се однесува на синоќешната средба со граѓаните на Иловица, на Штука и на општина Босилово за рудникот за бакар и злато.

Последниот ден од септември пропадна референдумот за името, бидејќи излезноста беше 36,91 проценти, а уставниот цензус за да важат резултатите е 50 отсто плус еден глас. Но, Владата не ги послуша граѓаните и се повика на тоа дека 94,18 отсто од тие што гласале одговориле потврдно на прашањето „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.

Резултат на кршењето на волјата на граѓаните е преименувањето на македонската држава во Република Северна Македонија, за кое Владата ги наведе чекорите за имплементирање.

„По исполнување на сите правни услови за влегување во сила на Конечната Спогодба и Уставните амандмани, Владата на Република Македонија, ќе го објави во Службен весник датумот на влегување во сила на Уставните амандмани и Уставниот закон.

Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната Спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји.

По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира: Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени.

Сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена, за што ќе бидете навремено информирани“, соопшти Владата.